Совети

Важни документи потребни за вашето патување

Проверете дали ги имате сите потребни документи за вашето патување:

  1. Возачка дозвола и сообраќајна исправа
  2. Патна исправа (проверете важност)
  3. Патничко осигурување
  4. Зелен картон
  5. Меѓународно полномошно (доколку е потребно)
  6. Важни адреси и телефонски броеви
  7. Документи потребни за вашиот одмор (ваучери, мапа до крајната дестинација)
  8. Образец за пријава на незгоди
  9. Сервисна книшка за вашиот автомобил.

Патување со автомобил

Патувањето со автомобил овозможува независност за разлика од другите превозни средства, што овозможува поголема слобода во планирањето на одморот. Препорачуваме да направите испитување на автомобилот пред патување, со тоа што ќе го проверите нивото на масло, како и  нивото на акумулаторот и советувајте се со механичар. Исто така потребно е да имате со себе алат за поправка на автомобилот, прибор за прва помош, триаголник, и барем еден пар на светилки.

Заради безбедносни причини, не препорачуваме да се спие во автомобилот, но доколку тоа е неизбежно, препорачуваме тоа да го направите на добро осветлен паркинг и на места каде што нема да бидете сами.

План за патување

Пред да го започнете вашето патување, потребно е да направите мало истражување на интернет, да го припремите вашиот навигационен уред, пресметате трошоците (гориво, патарини, сместување, храна, пијалоци…), вклучувајќи ги и финансиските резерви во случај на дефект на автомобилот, казни за сообраќајни прекршоци или други непредвидени компликации. Во случај на несреќа или голема штета на возилото, ви препорачуваме да се јавите во полицијата и да добие полициски извештај.

Предлагаме да побарате повеќе детални информации за сообраќајот на патиштата во земјите преку кои ќе патувате.

Ви советуваме да не ги носите сите пари со себе, туку да ги користите кредитните картички, банкомати, итн. и да ги запишете поважните телефонски броеви во случај на губење или крадење на кредитните картички.

Деца во автомобил

Децата мора да ги анимирате за време на патувањето за да нивното расположение биде позитивно се до крајната дестинација на вашето патување.  Ние ви предлагаме да измислите забавни игри кои се поврзани со настаните на патувањето, како што се учење на сообраќајните знаци, учење на марка на возилата кои што ги среќавате на патот и слично. Бидете сигурни дека удобноста на детето е обезбедена и дека детското столче кое се наоѓа на задното седиште е добро прицврстено. Исто така, не заборавајте да ги понесете своите омилени играчки.

Меѓународни документи

Пред да тргнете на патување, предлагаме да се осигурате дека имате обезбедено зелен картон (за патување во европските земји) и дека вашите документи (патни исправа, возачка дозвола, лична карта, патничко осигурување) се важечки, односно дека нема да им истече рокот на важност за време на вашиот престој во странство. Советуваме да направите копија на сите важни документи и да обезбедите една сликичка, и истите да ги чувате на различно место од оригиналните документи.  

Проверете кои документи се потребни за влегување во земјите кои што ќе ги поминете за да стигнете до крајната дестинација. За некои држави е покрај патните исправи, потребно е да имате и виза за влез во одредена држава.

Предлагаме пред вашето тргање да си обезбедете и меѓународна возачка дозвола и меѓународно полномошно (доколку автомобилот со кој патувате е во сопственост на друг). Овие документи ги издава Авто Мото Сојузот на Македонија. Линк до АМСМ

За меѓународна возачка дозвола се потребни следниве документи:

  • пасош или лична карта
  • Македонска важечка возачка дозвола
  • Фото големина 35 x 45 mm
  • Цената за меѓународната возачка дозвола е 845,00 денари.

Листа на земји кои покрај националната дозвола, бараат и меѓународна возачка дозвола:
Ангола, Аргентина, Австралија, Барбадос, Бангладеш, Чиле, Доминиканската Република, Египет, Индија, Индонезија, Јамајка, Јапонија, Јордан, Канада, Кенија, Кореја, Либан, Малезија, Мексико, Намибија, Нигерија, Нов Зеланд, Панама, Перу, Сингапур, Судан, Сирија, Тајланд, Тунис, Венецуела, САД.

Чувајте ги вашите документи внимателно спакувани на безбедно место!

Земји каде што е потребно да имате дневни светла

Се повеќе и повеќе европски држави имаат законски норми кои бараат да имате вклучено дневни светла во текот на денот. Земји каде што е потребно да ги имате вклучено светлата на вашиот автомобил преку ден се: Австрија, Босна и Херцеговина, Чешка, Црна Гора, Данска, Естонија, Финска, Хрватска, Исланд, Италија, Латвија, Литванија, Македонија, Норвешка, Полска, Романија, Словенија, Словачка (само во зима време), и Шведска.

Патување со авион

Авионите се почесто стануваат користено средство за превоз. Во текот на летниот период патуваат помеѓу 1.5-2 милијарди патници, и бројот на патници постепено се зголемува особено во земјите во развој.

Повеќето од патниците кои патуваат со авион патуваат заради одмор или се на службено патување. Разликуваме редовни возни линии низ целиот свет и чартер летови кои се организираат за време на празници и за патувања на познати туристички дестинации. Во последно време се повеќе се авио компании нудат летови на кратки релации за кои нудат авио билети со поволни цени.

On-line резервации за летови може да направите на линкот подолу

Резервирање на авио билети

Имаме изготвено неколку насоки кои можат да ви помогнат при подготовката за патување со авион.

Пристигнување на аеродром и формалности

  • Бидете сигурни дека кога ќе пристигнете на аеродромот ќе имате доволно време да ги извршите сите потребни формалности;
  • Во принцип, треба да пристигнете на аеродромот 90-120 минути пред полетувањето на авионот.

Пријава на лет

  • По пристигнувањето на аеродромот потребно е најпрво да го пријавите летот (check in). Пријавувањето обично започнува 2 часа пред полетувањето на авионот;
  • Ве молиме, при пријавувањето на билетот да имате важечки документ за идентификација;
  • По пријавувањето ќе ви биде издадена бординг карта со која ќе се качите на авионот;
  • По пријавувањето го предавате вашиот багаж, кој најпрво треба да се измери. Доколку вашиот лет вклучува прекачување во друг авион, тогаш багажот автоматски се пренесува во наредниот авион – Ви предлагаме за тоа дополнително да се информирате кај службеникот кој ја зема вашата пријава.

Аплицирање on-line

  • На некои аеродроми постои можност да се пријавите on-line;
  • За да се избегне гужвата при пријавување на летот, ви препорачуваме тоа да го направите on-line на веб-страната на аеродромот;
  • on-line можете да се пријавите само за редовни летови, а не може да се пријавите за чартер и нискоценовни превозници;
  • on-line регистрацијата може да се направи од 24-1 час пред полетувањето;
  • бординг картата ќе си ја испечатете пред пристигнувањето на аеродромот.

Гранични формалности

  • пред да влезете во заштитениот дел од аеродномот, обезбедувањето ви врши преглед;
  • вашиот багаж се проверува со x-ray  зраци;
  • личните документи и бординг картата нека ви бидат припремени.

Влегување во авионот

  • на вашата бординг карта е наведен бројот на излезот и времето на тргнување на авионот;
  • бидете сигурни дека имате доволно време за да стигнете до излезот;
  • при влегувањето ќе биде проверена вашата бординг карта и вашите документи за идентификација;
  • на делот од бординг картата кој ќе ви биде доставен на вас, се наоѓа бројот на вашето седиште во авионот;
  • Во авионот можете да влезете директно преку мостот или ќе бидете транспортирани со автобус;
  • Кога ќе се качите на авионот побарајте го вашето седиште.

За време на летот

  • За време на летот авионскиот екипаж ќе ви посака пријатен лет;
  • Во зависност од времетраењето на летот, дестинацијата и класата на патување, ќе ви бидат достапни пијалоци, храна, списанија…
  • Кога ќе го резервирате вашиот авио билет можете да побарате посебен оброк (вегетаријански, овошје, ниско калоричен оброк);
  • Во авионот не е дозволено да консумирате алкохолни пијалоци кои ќе ги понесете со себе;
  • Поради нискиот воздушен притисок алкохолот делува побрзо отколку кога се консумира на земјата;
  • Од безбедносни причини не е дозволено да се користат определени електронски уреди (мобилни телефони, ЦД плеери, лап топ);
  • За време на летот се препорачува да се движите за да се спречи можното згрутчување на крвта.

По слетувањето

  • По слетувањето, најпрво се врши проверка на пасошот и другите лични документи;
  • По завршувањето на граничните формалности, одете на делот “Baggage Claim” каде што може да си го земете вашиот багаж;
  • По земањето на багажот следи царинска проверка доколку патувате во државите кои се надвор од Шенген зоната.

Багаж

  • Возрасни лица и деца над двегодишна возраст во економската класа може да имаат багаж од 20кг, во бизнис класата до 30кг, и кај чартер летовите до 20кг;
  • На летовите во САД и Канада важи парче систем: на патниците им е дозволено да носат по две парчиња чекиран багаж и едно парче рачен багаж со определени димензии и тежина;
  • Секој килограм кој е над дозволената тежина се доплаќа. Цената за вишокот килограми е во зависност од дестинацијата на која патува патникот.
  • Кога патувате со авион постојат два вида на багаж: рачен багаж – тоа е оној кој го земате со себе во авионот и багаж кој го чекирате при пријавување на летот.

Рачен багаж

  • Количината на рачен багаж зависи од превозник до превозник. Во принцип, во авионот можете да земете еден багаж од 7-12кг.;
  • Рачниот багаж мора да биде таква големина, со која би се овозможило да се смести под седиштето или во просторот за багаж кој се наоѓа над седиштето;
  • Доколку имате рачен багаж со димензии поголеми од предвидените потребно е да го оставите пред да влезете во авионот и веднаш по излегувањето можете да си го подигнете;
  • Ви препорачуваме во рачниот багаж да ги ставите скапоценостите, паричните средства, камера, телефон, лекови, важни документи, потребни лични матријали, лап топ…

Чекиран багаж

  • Багажот за чекирање го предавате при пријавувањето на летот;
  • На чекираниот багаж треба јасно да бидат наведени вашето име и презиме и вашата адреса;
  • Во чекираниот багаж не носете лесно кршливи предмети или истите добро ги заштитете;
  • Заклучете го багажот.

Оштетување на багажот

  • При земањето на багажот на аеродромот на крајна дестинација потребно е да се изврши детален преглед;
  • Доколку забележете дека вашиот багаж е оштетен веднаш пријавете кај авиокомпанијата која е одговорна за последниот лет;
  • Авиокомпанијата е должна на важата сметка да исплати надомест за штетата во висина која е потребна за поправка на вашиот багаж.

Одложен багаж

  • Доколку вашиот багаж не пристигне на аеродромот на крајна дестинација, потребно е да пријавите во соодветните служби (Lost and Found);
  • Таму треба да пополните записник за багажот;
  • Кога ќе го пронајдат вашиот багаж, според договорот ќе ви го достават на посакуваната адреса.

Животни во авионот

И вашите домашни миленици може да патуваат со вас во авионот. Условите за транспорт се разликуваат кај различни авиопревозници, па затоа Ве замолуваме да се информирате за превозот на домашни миленичиња пред да купите авионска карта.

Некои корисни совети како треба да се однесувате со животните во авионот:

  • Најпрво, треба да да ја известите авиокомпанијата, затоа што повеќето авиокомпании однапред го имаат определено бројот на домашни миленичиња кои може да патуваат со авионот;
  • Прет патувањето потребно е да го однесете домашното милениче на ветеринарен преглед. Таму ќе добиете потребни документи кои задолжително мора да ги имате во земјата каде што патувате – најчесто се бара книшка со примените вакцини, а во државите од Европската Унија и пасош на домашното милениче.
  • На вашето куче треба најмалку 6 часа пред полетувањето да не му давате храна – доволно е да му давате само свежа вода. Не се препорачува да им давате различни седативи, а доколку е неопходно да ги консумира потребно е да се консултирате со ветеринарен доктор. Не заборавајте да ја закачите каишката околу вратот – за секој случај, би било корисно на неа да имате прикачено ливче со името на миленичето, адреса и телефонски број. При планирањето на патувањето, потрудете се да најдете лет каде што нема да има прекачувања во повеќе авиони, и кој нема да биде целосно потполнет.

 Деца на патувањето

Децата со голема радост патуваат на нови места, каде што поголемиот дел од времето го поминуваат со своите родители, па со оглед на тоа што се многу енергични, потребно е подготовката за пат да биде поинтензивна. Со неколку едноставни совети може да си дозволите безбеден и релаксирачки одмор со мали деца на блиски или далечни места.

Со вас треба да понесете повеќе работи кои ви се неопходни за секојдневна употреба при грижата за децата, а тоа се разбира зависи од тоа каде патувате и колку долго ќе останете таму. Листата на потребни работи треба да се прилагоди на вашите потреби, а ние ќе ви посочиме само некои работи кои не смеете да ги заборавите.

Доенчиња или мали деца

  • Пелени (пластични кеси за валканите пелени или облека);
  • Крема за деца;
  • Влажни марами;
  • Подлога за пресоблекување;
  • Облека (вклучувајќи и капа за заштита од сонцето);
  • Неколку омилени играчки (не заборавајте ја и играчката со која детето спие);
  • Храна за бебиња и прибор за јадење;
  • Кревет на расклопување;
  • Количка за шетање;
  • Ќебе.

Деца на предшколска возраст

  • Облека (вклучувајќи капа за заштита од сонце и костим за капење) и обувки;
  • Омилени играчки – по желба на детето;
  • Книги за децата и друштвени игри (домино, карти, коцки…);
  • ЦД со приказни или песни за по пат;
  • Пливачки помагала: мускули за пливање, гума за пливање, чамци, маска за пливање, играчки за на плажа, пиштоли на вода…;
  • Очила за сонце со УВ заштита;
  • Спортска опрема: велосипед (со шлем), ролери (со шлем и штитници), топка…

За сите деца

  • Столче за автомобил (прилагодено на возраста на детето) – ако се патува со автомобил потребна е здравствена книшка, патничко осигурување и документи за примена вакцина доколку се патува во области каде има заразни болести;
  • Лична карта или пасош;
  • Прибор за прва помош:
  1. Маст за ладење (за иритирана кожа);
  2. Физиолошки раствор (за прочистување на рани);
  3. Топломер;
  4. Парацетамол сируп (за намалување на топлина или болка);
  5. Витамини;
  6. Стерилна газа и завој;
  7. Пинцети и ножици;
  8. Средство за заштита од каснување од комарци;
  9. Крема за сончање.

Ви треба помош?

За помош или резервација на било која понуда, Ве молиме јавете се на:

02/6147437

078/368-048

Топ Аранжмани




© 2015 ОдмориСе | Сите права се задржани. | Авторски права


Контакт информации

ОДМОРИ СЕ ТРАВЕЛ ДООЕЛ
Кочо Рацин бр.14, 1000 Скопје
Работнички Универзитет (ЦЕНТАР)
Тел: 02 614 74 37
Моб: 078 368 048
Емаил: contact@odmorise.mk
Информатор

Оставете Ваш e-mail за да ги добивате нашите актуелни понуди.